Собрание

Ковачевски ја достави владината програма

11.01.2022 15:19

Мандатарот Ковачевски на спикерот Џафери му ги достави новата владина програма и персоналниот состав. Имаме стабилно мнозинство и тим подготвен да одговори на предизвиците, вели Ковачевски. Приоритети - енергетската криза, стандардот на граѓаните, евроинтеграциите...

Мандатарот Димитар Ковачевски на спикерот Џафери му ги достави предлогот за нови министри и новата програма за работа на владата. Во кабинетот на „Илинденска“ без поголеми изненадувања. Тупанчевски ја презема правда, Маричиќ се сели во евроинтеграции. Петровска ќе раководи со одбраната, Спасовски останува во МВР. Владата останува посветена на стратегиските цели, евроатлантските интеграции и полноправното членство во ЕУ- рече  Ковачевски.

Во првите три месеци новата влада ќе биде фокусирана  на справување со енергетската криза. Работата ќе биде посветена и на зајакнување на животниот стандард на граѓаните, истакна Ковачевски.

„Втор приоритет е задржување на животниот стандард на граѓаните и на компаниите во светло на економската криза која што произлегува од енергетската криза и трето е исполнување на целите во однос на големите инфраструктурни проекти коишто се одобрени во Буџетот за 2022 година, како и во законските решенија коишто беа одобрени во Собранието“, нагласи Ковачевски.

Во предлогот за новиот кабинет речиси 70 насто од министрите се нови. СДСМ ќе има седум министерски и три вицепремиерски места. Интегративците остануваат  со истите кадрите, а новиот партнер Алтернатива ќе раководи со здравство, информатичко општество и администрација, а добива и министерство без ресор задолжено за дијаспората.

Марина Стојанова Тонева