Криза

Институциите си ја префрлаат топката, енергетската криза зема замав

11.01.2022 15:34

Чаирчани конечно добија парно греење. ЗЕЛС бара итен состанок со Владата. Институциите си ја префрлаат топката…

Енергетската криза зема замав, институциите ја префрлуваат надлежноста, а граѓаните се жалат на студените радијатори. И додека од БЕГ, како најголем снабдувач со топлинска енергија за скопјани велат дека нивниот систем работи со оптимизиран капацитет, во Владата се разгледуваат можностите за надминување на состојбата. Од министерството за економија велат – БЕГ има законска обврска да обезбеди соодветно греење. Ако не го направи тоа, може да се соочи со одземање на лиценцата.

„Ги повикавме Град Скопје и општините во градот во рамки на своите Буџети да се вклучат со креирање мерки за да излезат во пресрет на граѓаните, со цел да се ублажи притисокот со ликвидноста што го имаат компаниите што снабдуваат топлинска енергија во градот. Централната власт ќе им помогне на Град Скопје и општините за префрлање на средства до локалните самоуправи за обезбедување природен гас за греење на јавните институции“, пишува во соопштението од Министерството за економија.

Од град Скопје тврдат, не се надлежни за парното. Чаирчани кои цела недела беа без греење, конечно добија топли радијатори. Парите од општината легнаа на сметката на претпријатието, гасот е обезбеден, но и покрај тоа – е неизвесно работењето на топланата.

„Останува проблем високата цена за набавка на природен гас, а од надлежните институции сè уште немаме добиено информација за обезбедување дополнителна финансиска помош. Под овие услови, без да се вклучат надлежните институции, се доведува во прашање натамошното работење на Топланата Скопје Север“ – велат оттаму за МТВ.

Градоначалникот на Чаир, Ганиу укажува на досегашните проблеми кои жителите од неговата општина ги имале со топланата поради несоодветна топлина што доведувало до исклучување од системот.

Во Скопје постојат три компании кои се задолжени за обезбедување централно греење.

Анита Димитријевска Велковска