Владата ќе ја субвенционира цената на топлинската енергија
По застојот со набавка на природен гас поради високата цена, владата се вклучи во субвенционирањетона енерегенсот. За да се избегне ценовниот шок за граѓаните, се предлага државна поддршка од 80 насто за купениот гас, додека за преостанатите 20 насто, се бара учество на градот Скопје и на општините...

„Потрошувачите нема да добијат повисоки сметки за топлинска енергија“, рече министерот Бектеши и го повика градот Скопје и општините во рамки на своите буџети да се вклучат во поддршка на домаќинствата и на институциите, за да се ублажи притисокот од ликвидноста на компаниите- снабдувачи.
„Предлагаме разликата од актуелната до реалната цена на топлинската енергија да ја покрие владата од буџетот во висина од 80%, а останатите 20%, со цел да се затвори цела финансиска конструкција и да се обезбеди сигурност и стабилност во снабдувањето со топлинска енергија за корисниците на топловодната мрежа, да ја покрие градот Скопје и општините во градот“, изјави министерот Бектеши.
Претседателот на Регулаторна, Бислимоски оценува дека така се решава проблемот со набавка на гас. Според Бислимоски доколку се прифати предлогот, ќе биде донесена нова одлука за цената на топлинската енергија.
„Разликата од актуелната до реалната цена ќе биде покриена од страна на владата во име на граѓаните со цел да се заштитат потрошувачите и да се амортизира ценовниот шок. На овој начин ќе се помогне директно на компаниите да набават гас, односно на ТЕ-ТО во име на БЕГ“, додаде Бислимоски.
Според Бектеши, владата ќе го покрие најголемиот дел или околу пет милиони евра, град Скопје и сите општини во склоп на градот ќе имаат вкупен трошок од околу еден милион евра.
Александра Спировска
