Почна судењето на „бегалецот“ Зоран Даневски
Каде е Зоран Даневски, е предмет на претпоставки. Во Босна и Херцеговина, каде студирал или во Америка, каде живее неговата сестра, се најчестите одговори на светиниколчани...

Во Основниот суд во Штип почна судењето на Зоран Даневски, директор на АД Џумајлија. На Даневски му се суди во отсуство, откако бугарските органи известиле дека бараниот за екстрадиција, повеќе не е во Бугарија.
Каде е Зоран Даневски, е предмет на претпоставки. Во Босна и Херцеговина, каде студирал или во Америка, каде живее неговата сестра, се најчестите одговори на светиниколчани. Врховното обвинителство на Бугарија на 24-ти март до македонските органи информирало дека Зоран Даневски не се наоѓа на бугарска територија, каде престојуваше како бегалец во изминатите две години.
Меѓутоа, независно од неговата локација, штипскиот Основен суд го почна судењето на Даневски за делата даночно затајување и злоупотреба на службената положба и овластување. Зоран Даневски во првите две дела, е обвинет за злоупотреба и затајување на данок од близу 27 милиони денари, а правното лице Џумајлија, чиј сопственик е, само за даночно затајување.
„Се товарат дека дале лажни податоци за приходите и расходите на АД Џумајлија, при што не пресметале и не платиле персонален данок од околу 18 милиони денари, ,меѓутоа, тоа ќе биде предмет на докажување. Додека со вториот Зоран Даневски и правното лице Џумајлија се товарат дека наместо да пресметат и платат данок на добивка од околу девет милиони денари, истите платиле само 170.000 денари данок“, соопшти портпаролот на Основниот суд во Штип, Стојан Михов.
Во неговото родно Свети Николе, Зоран Даневски го чекаат три судења и уште толку во штипскиот суд.
Весна Коловска
