Македонско – турски културни врски

Промоција на Балканскиот филмски фестивал во Македонија

12.01.2022 10:27

Заменик министерот за култура и туризам на Република Турција, Ахмет Мисбах Демирџан и претставниците на Генералниот директорат за кинематографија на Република Турција остварија низа средби во земјава...

Заменик министерот за култура и туризам на Република Турција, Ахмет Мисбах Демирџан и претставниците на Генералниот директорат за кинематографија на Република Турција остварија низа средби во Северна Македонија, во рамки на активностите на Балканскиот филмски фестивал, со цел негова промоција и афирмација. Споменатиот фестивал има за цел да ги обедини претставниците од филмскиот сектор на балканските земји и да ги зголеми нивните заеднички културни активности и комуникации. На средбите чиј домаќин беше Амбасадорот на Република Турција Хасан Мехмет Секизќок, присуствуваа и генералниот директор за кинематографија на Република Турција Еркин Јилмаз и Советничката за култура и промоција на Република Турција во Скопје Чигдем Ѓуллу.

Како резултат на овие средби со претставниците од филмскиот сектор на Република Северна Македонија, беа утврдени генералните црти на Балканскиот Филмски Фестивал кој ќе се одржи во Истанбул. За оваа цел, заменик-министерот за култура и туризам на Република Турција Ахмет Мисбах Демирџан оствари средби со Министерката за култура Ирена Стефоска, директорот на Агенцијата за филм Бојан Лазеревски, директорот на Вардар Филм Сани Саиди, директорот на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ Симеон Дамевски и продуцентот на филмот „Медена земја“ Атанас Георгиев.

Соработката во областа на културата меѓу Република Северна Македонија и Република Турција има свој континуитет и традиција и истата ги опфаќа сите сегменти од оваа област. Наша должност е да го негуваме и продлабочуваме искреното пријателство и соработка меѓу двете земји, е заклучокот од  средбата  на министерката за култура Ирена Стефоска  со турскиот заменик-министер за култура и туризам, Ахмед Мисбах Демирџан.

Двајцата соговорници ја истакнаа и добрата соработка во делот на заштитата на културното наследство. Во тој контекст министерката Стефоска ја подвлече и извонредната соработка со Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), во делот на реставрацијата и конзервацијата на исламските споменици во Република Северна Македонија, потенцирајќи ја притоа потребата од поголема  соработка со специјалисти од областа на заштитата на културното наследство од нашата земја.