Деновиве ќе се одлучува за изолацијата на асимптоматските случаи со Ковид-19
Наредните денови Комисијата за заразни болести ќе треба да донесе одлука за предлогот за скратување на времето на изолација на позитивни од тестирани на Ковид-19, кои се асимптоматски случаи...

Наредните денови Комисијата за заразни болести ќе треба да донесе одлука за предлогот за скратување на времето на изолација на позитивни од тестирани на Ковид-19, кои се асимптоматски случаи.
Членовите на Комисијата на вчерашниот состанок ја разгледуваа и евентуалната можност за промена на почетокот на второто полугодие од учебната 2021/2022 година. Одлуката по овој предлог ќе биде донесена непосредно пред почетокот на второто полугодие, бидејќи клучно ќе биде каква е епидемиолошката состојба во државата. Одлуката за почетокот на второто полугодие од учебната година ќе биде усогласена и со Министерството за образование и наука.
Според последните податоци во земјава, омикрон варијантата на коронавирусот e детектирана кај 68 отсто од секвенционираните примероци направени во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика на Институтот за јавно здравје. Омикрон сојот е откриен во 12 градови и тоа во Скопје, Охрид, Кочани, Тетово, Велес, Пехчево, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Виница, Неготино и Битола.
Согласно анализите на Институтот за јавно здравје, во период од една седмица за 51 процент е зголемен бројот на позитивни од тестирани на Ковид-19. Регистрирани се заболени лица од сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст од 30-39(27 проценти), 20-29(24 проценти) и 40-49(17 проценти). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9(2 процента). Најголемо зголемување на заболени е кај возрасната група од 20-29 години како и кај возрасната група од 30-39 години.
Според извештаите од болниците, на територија на цела држава се хоспитализирани 351 лице што е 41 процент повеќе во споредба со претходна недела. Зголемен е и бројот на дневни прегледи во инфективните одделенија низ болниците во државата, бројот на прегледи на дневно ниво понекогаш во болниците во Скопје надминува 100 пациенти. Според епидемиолошките анкети најголем дел од пациентите имале контакт со позитивен случај три дена пред почетокот на симптоми/добивање на позитивен резултат. Се апелира граѓаните кои чувствуваат какви било симптоми, да направат тест и да се изолираат за да спречат ширење на вирусот.
