Политика

Средба Ковачевски- Мета

12.01.2022 11:26

Иднината на Северна Македонија и Албанија е во ЕУ, соработката дополнително ќе се интензивира...

Претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Димитар Ковачевски заедно со секретарот за меѓународна соработка, Бојан Маричиќ денеска се сретна со претседателот на Република Албанија Илир Мета. Разговарале за повеќе актуелни теми со фокус на соработката меѓу двете соседни земји, иницијативата Отворен Балкан и процесот на евроинтеграции.

Ковачевски изразил уверување дека досегашната соработка помеѓу двете земји дополнително ќе се интензивира преку иницијативата Отворен Балкан и дека двете држави наскоро ќе ги започнат преговорите со Европската Унија, бидејќи тоа го заслужуваат откако претходно ги исполнија сите потребни предуслови.

„Република Северна Македонија и Република Албанија како соседни пријателски земји, делат исти вредности и имаат заедничка иднина. Таа заедничка иднина е во ЕУ и убеден сум дека наскоро и двете земји ќе ги започнат преговорите за членство во Унијата, затоа што и Северна Македонија и Албанија досега исполнија се што од нив беше побарано, сега на ред е ЕУ“, истакнал Ковачевски.

Претседателот на Албанија, Илир Мета истакнал дека очигледен е напредокот што Северна Македонија го постигнала во изминатите неколку години, го поздрави концептот „Едно општество за сите“ кое е уникатен пример во регионот истакна дека започнувањето на преговори на Албанија и Северна Македонија не само што е важно за двете земји, туку тоа е во интерес на целиот регион на Западен Балкан.