Димитров: Моите позиции за спорот со Софија се причина што нема да бидам дел од владата
Димитров смета дека неговите позиции во преговорите со Бугарија биле исправни и важно е да се одржат. Преку поставените граници, нема да дозволам да се помине по било каква цена- дециден Димитров. Добил понуда за амбасадор во Вашингтон, но одбил...

Актуелниот вицепремиер за евроинтеграции демантира дека сам се повлекол од функцијата. Димитров смета дека неговите позиции во преговорите со Бугарија биле исправни и важно е да се одржат. Преку поставените граници, нема да дозволам да се помине по било каква цена- дециден Димитров. Добил понуда за амбасадор во Вашингтон, но одбил.
„Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции, значи за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно на текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи“, рече Димитров на денешната прес-конференција.
Како што нагласи, во два наврати кога таа битка кулминирала за што јавноста не знае – еднаш во Брисел, еднаш во Скопје, јасно кажал дека нема да дозволи поставените граници да се поминат по каква била цена, а најмалку по цена на неговата позиција во Владата, потенцирајќи дека со тоа дал до знаење дека со него внатре за некои работи едноставно нема разговор.
„Јас бев и целосно сум подготвен оваа битка да ја терам и понатаму без разлика на позицијата или функцијата. Во мојата кариера во оваа работа сум сретнал многу влијателни луѓе кои немаа функција, а сум сретнал и такви кои се на позиција ама немаат тежина, што вели нашиот народ „не им врви зборот“. Мојот збор ве уверувам дека врви и натаму ама за тоа да биде така јас треба да сум дома, да сум тука, да сум активен, да сум гласен и да имам слобода да се борам за моите позиции и мојата визија“, нагласи вицепремиерот Димитров.
Тој нагласува дека затоа заедно со фактот што за неговите позиции немало простор во идната влада, не го изненадила и понудата да биде амбасадор во Вашингтон. Тоа, потенцира Димитров, не само што ќе го тргнело од дома, туку и ќе му го врзело зборот, затоа што, како што рече, дипломатите додека се на должност немаат право да бидат гласни и јавно да се борат за своите ставови дома.
Вицепремиерот вети дека будно ќе го следи процесот на преговори и целосно ќе се бори против лошо решение, а ќе поддржи достоинствено и европско решение.
