Мора да се знае кој и колку загадува
Потребни се промени, мора да се знае кој и колку загадува. Невладини организации и независни советници од општините, на онлајн дискусија. За еден месец се расчистени 120 депонии, тврди градоначалничката на Скопје, Арсовска. За 10 дена треба да се формира „Еко совет“, кој ќе носи конкретни мерки...

Секоја грејна сезона ја отвора старата болна тема- загаден воздух. Во овој период од годината, македонските градови со години се на светската листа на места со најлош квалитет на амбиенталниот воздух. Граѓанскиот инспекциски совет одржа јавната дебата „Како да се намали загадувањето на воздухот?“
Сериозен недостаток од мониторинг и официјални бројки нè спречува во градење на здрава стратегија за намалување на загадувањето на воздухот, велат од невладините организации. Од Министерството за животна средина со став- имаме 20 мониторинг станици кои само и единствено можат да дадат официјални и правилни податоци.
Недостатокот од локални инспектори претставува сериозен проблем, но локалните власти велат дека прават сè за да им овозможат почист воздух на граѓаните. Градоначалничката на Град Скопје вели дека за околу еден месец успеале да исчистат 120 диви депонии, а во следните 10 дена ќе се формира „Eко совет“ кој ќе носи мерки поврзани со подобрување на аерозагадувањето.
Замена на застарените системи за греење е приоритетната работа што мора да се направи, бидејќи во државата најголемиот број од институциите и објектите сè уште се греат на мазут.
Катерина Топалова
