Димитров обвинува дека сакаат да го замолчат за Бугарија, нема доверба во Османи
Вицепремиерот за евроинтеграции во заминување демантира дека сам се повлекол од функцијата. Димитров смета дека неговите позиции во преговорите со Бугарија биле исправни и важно е да се одржат. Преку поставените граници нема да дозволам да се помине по било каква цена, дециден е Димитров. Добил понуда за амбасадор во Вашингтон што ја одбил...

Јас сум пречка во Владата за лошо решение на спорот со Бугарија, рече вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров. Посочи дека имал сериозна битка внатре во Владата во однос на националните позиции за спорот со Бугарија и токму поради различните позиции не е дел од новата влада. Неговиот став е да не се отстапи од позицијата македонскиот јазик да биде чисто претставен во преговарачката рамка, без никакви објаснувања, а спорот да се решава билатерално.
„За моите позиции нема простор во Владата и затоа за да молчам ми беше понудено прво да бидам амбасадор со Вашингтон, а откако одбив, ми понудија да бирам во која земја сакам. Интерес да ме нема има и кај соседот кој ме нарекува ‘вирус поголем од ковид’. Затоа јас останувам дома да се борам гласно против лошо решение со Бугарија и да поддржам достоинствено“, нагласи вицепремиерот во заминување, Никола Димитров.
Според него, идниот премиер не може да ја оценува неговата досегашна работа, бидејќи досега не му бил директен претпоставен, како и дека немал ниту искуство, ниту познавање во надворешната политика. Димитров посочи дека нема доверба во министерот за надворешни работи Бујар Османи по однос на преговорите со Бугарија, за подигнување на ветото за почнување пристапни преговори со ЕУ.
„Имам чувство дека таму има ‘драјв’ за успех по секоја цена, што мислам дека е опасен и не продуктивен. Можеби грешам и се надевам дека грешам“, рече Димитров.
Вицепремиерот вети дека будно ќе го следи процесот на преговори и целосно ќе се бори против лошо решение, а ќе поддржи достоинствено и европско решение. Димитров ја коментираше и соработката со доскорешниот специјален преставник Бучовски. Оцени дека нивните позиции не биле на иста линија. Што се однесува пак до одржаниот Совет за безбедност на Бугарија-Димитров рече дека состанокот само ја потврдил досегашната статус- кво состојба.
Преспанскиот договор со кој се овозможи членство во НАТО е најголемото достигнување во неговиот мандат - истакна Димитров.
Марина Стојанова Тонева
