Здравство

Матичните лекари се закануваат дека ќе запрат со работа, бараат средба со надлежните

12.01.2022 15:05

Матичните лекари се закануваат дека ќе запрат со работа. Бараат средба со надлежните, револтирани затоа што им стигнале казни од Фондот за здравство. МТВ побара, но не доби став од ФЗОМ...

Матичните лекари ќе запрат со работа ако надлежните не седнат на преговарачка маса, реагира доктор Чолакова – Дервишова, претседателката на Здружението на приватни матичните лекари. Откако Фондот за здравство почна да дели решенија за казни, таа реагира дека никаде во свет не се казнуваат лекари во време на пандемија, особено не за казни од пред три години за кои првите луѓе во здравство им ветиле дека ќе се укинат.

Бројката на казнетите матични е голема, вели Чолакова – Дервишова. Во Прилеп, 80 проценти од лекарите биле казнети. Казните се од 15.000 денари до 25.000 денари по решение, некои лекари ќе мора да платат казни и до 60.000 денари, објаснува доктор Чолакова-Дервишова.

Од Фондот за здравствено осигурување побаравме, но не добивме одговор дали планираат средба со матичните лекари и како ќе се реши проблемот со казните од 2019-та година.

Наташа Јанчиќ Менковски