Македонија

Одбележана 14- годишнината од хеликоптерската несреќа кај катлановско Блаце

12.01.2022 16:07

На спомен обележјето кај катлановско Блаце, цвеќе положија делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на чело со министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал- мајор Азим Нуредин.

14-години од хеликоптерската несреќа, во која враќајќи се од мировната мисија Алтеа во Босна и Херцеговина, трагично загинаа 11 припадници на Армијата.

На спомен обележјето кај катлановско Блаце, цвеќе положија делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на чело со министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал- мајор Азим Нуредин.

Пред споменикот се поклонија  и делегации од Кабинетот на претседателот на државата и врховен командант на Армијата, од Општина Петровец, Командата за операции, воздухопловниот ВИНГ, Првата пешадиска бригада и семејствата на загинатите војници.

Армиски хеликоптер МИ-17 на овој ден пред 14 години се урна во селото Блаце кај Катланово, на само 50-ина метри од последните куќи во селото. Во услови на намалена видливост, поради маглата, хеликоптерот ја започнал постапката за слетување на скопскиот аеродром.

На падот на армискиот хеликоптер му претходела експлозија. Во несреќата немаше преживеани, а загинаа потполковник Тони Спасовски, водник Александар Васиќ, водник Александар Тасковски, заставник Тони Давитковски, постар водник Јанко Шириќ, мајор Горан Ристовски, десетар Златко Вељановски, капетан Бране Спасовски, водник Мики Ивановски, заставник Славчо Василев и капетан Игор Ѓоревски.

Роднините на загинатите со години бараат нова истрага, откако Државната комисија во извештајот наведе пет причини кои придонеле за несреќата – неповолни временски услови, непочитување на процедурите, неисправност на инструменти во хеликоптерот, пропусти во обуката на пилотите за инструментално летање и недисциплинираност на екипажот.

Игор Панов