Секој четврти тестиран е ковид позитивен
Активни се вкупно 13.478 ковид- случаи во земјава. Омикрон сојот засега е откриен во 12 градови – во Скопје, Охрид, Кочани, Тетово, Велес, Пехчево, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Виница, Неготино и Битола...

Секој четврти тестиран е позитивен на Ковид-19, а 68 проценти од секвенционираните примероци се со новиот сој на вирусот- Oмикрон, покажува последната статистика на Министерството за здравство.
Вчера беа евидентирани 1.822 нови случаи на Ковид-19, од направени 7.123 тестови. Активни се вкупно 13.478 ковид- случаи во земјава. Омикрон сојот засега е откриен во 12 градови – во Скопје, Охрид, Кочани, Тетово, Велес, Пехчево, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Виница, Неготино и Битола.
Според извештаите од болниците, на територија на цела држава се хоспитализирани 351 лице што е 41 процент повеќе во споредба со претходна недела. Зголемен е и бројот на дневни прегледи во инфективните одделенија низ болниците во државата, а бројот на прегледи на дневно ниво понекогаш во болниците во Скопје надминува 100 пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 1.679.890 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 238.061. Бројот на оздравени пациенти е 216.521, а на починати е 8.062.
Комисијата за заразни болести засега нема предлози за нови мерки, ниту за скратување на времето на изолација на позитивни од тестирани на Ковид-19 кои се асимптоматски случаи. За овој предлог членовите ќе донесат одлука по дополнителна обемна дискусија која ќе следи во наредните денови.
Се разгледува и евентуалната можност за промена на почетокот на второто полугодие од учебната 2021/2022 година, но одлуката по овој предлог ќе биде донесена непосредно пред почетокот на второто полугодие, бидејќи клучно ќе биде каква е епидемилошката состојба во државата.
