Евроинтеграции

Бомгартнер: Нема рокови, потребен е напредок

13.01.2022 12:47

Францускиот амбасадор во земјава Бомгартнер ги презентира приоритетите на претседавањето со ЕУ. Порача дека нема утврден рок за почеток на преговорите, но очекува значителен напредок за време на француското претседавање со Унијата...

Франција подготвува специјален самит за Западен Балкан во јуни за разјаснување на европските перспективи на земјите од регионот, но без конкретен рок за почеток на преговори, истакна францускиот амбасадор Бомгартнер во претставувањето на приоритетите на француското претседавање пред Националниот совет за евроинтеграција во Собранието.

„Поврзано со проширувањето и почнувањето на преговорите со Севетна Македонија нема утврден рок. Тоа зависи од одржувањето на меѓувладината конференција која ќе го означи почетоко на преговорите, за што во моментов нема точен датум“, изјави францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер.

Евроамбасадорот Гир посочи дека за напредокот за почетокот на преговорите е потребен е напредок во односите со Бугарија.

„Важно е да видиме напредок во односите со бугарија. Очекуваме новата влада и премиерот да продолжат со поинтензивно спроведување на реформите, владеењето на правото и борбата против корупцијата“, нагласи европскиот амбасадор во земјава, Дејвид Гир.

Почетокот на преговори ќе биде или успех или неуспех, не само за земјава, туку и за регионот и за европската унија, истакна вицепремиерот за европски прашања во заминување Димитров.

„Македонскиот случај е најубедливиот тест за кредибилитетот на политиката на ЕУ кон Западен Балкан. Доколки успееме, тоа ќе биде добро за земјава и за регионот, но и за Бугарија“, изјави вицепремиерот за европски прашања во заминување, Никола Димитров.

Приоритетите на Франција во наредните шест  месеци се заштитата на границите, колективна одбрана на Унијата и развој на односите со Африка и Западниот Балкан. Франција ќе организира самити за вклучување на  младите од земјава за одлуките на иднината на Европа, бидејќи еден ден Северна Македонија ќе стане членка на Унијата, истакна францускиот амбасадор.

 

Ирина Гелевска