Џонсон соочен со барање да си замине од функцијата
Џонсон ѝ се извини на јавноста и рече дека по напорниот состанок сакал едноставно да им се заблагодари на колегите и ги поканил на пијалок во градината.

Британскиот премиер Борис Џонсон се соочува со барања од јавноста да си замине од функцијата, откако на јавноста ѝ призна дека имал мала забава во градината од „Даунинг стрит 10“, каде што се наоѓаат и владиниот кабинет, но и неговиот приватен дом додека е на функција.
Според Џонсон забавата траела 25 минути, а се случила на 20-ти мај 2020-та година во време на строг карантин.
Џонсон ѝ се извини на јавноста и рече дека по напорниот состанок сакал едноставно да им се заблагодари на колегите и ги поканил на пијалок во градината.
„Сакам да се извинам. Мислев дека тоа беше работен настан. Имаше работи што не ги направивме како што треба и морам да преземам одговорност“, изјави Џонсон.
Следи истрага од полицијата, а за опозицијата неговото извинување е целосно неискрено, и срамно, со оглед на огромниот број жртви кои животот го загубија поради ковидот.
„По неколку месеци измама, патетичен спектакл на човек кој останал без пат. Неговата одбрана што не сфатил дека бил на забава е толку смешна, што всушност е навредливо за британската јавност“, рече Кеир Стармер, лидер на опозицијата.
„Слушнавме извинување од премиерот. Тој рече дека ретроспективно поинаку ќе постапел, што за мене е прифаќање од премиерот дека тоа не било во ред“, додаде Даглас Рос, лидер на шкотските конзервативци.
На страната на Џонсон застанаа првите луѓе од кабинетот, но не и неговите сопартијци кои се приклучија на барањата на опозицијата тој да се повлече од функцијата.
Марина Ристова
