Работнички – МЗТ Скопје по 119.пат
Кошаркарските фанатици во главниот град конечно дочекаа. По пауза од единаесет месеци, нов меѓусебен судир на вечните скопски и ривали во мак-баскетот. МЗТ Скопје Аеродром и Работнички попладнево од 17.30 часот во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ ќе го комплетираат првото коло од суперлигашката фаза во македонското првенство.

Кошаркарските фанатици во главниот град конечно дочекаа. По пауза од единаесет месеци, нов меѓусебен судир на вечните скопски и ривали во мак-баскетот. МЗТ Скопје Аеродром и Работнички попладнево од 17.30 часот во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ ќе го комплетираат првото коло од суперлигашката фаза во македонското првенство.
Само четири дена по завршувањето на обврските во втората сезона во АБА Лигата, шампионот почнува со домашните обврски. Со статус на голем фаворит влегува во соочувањата со петте најдобри екипи од првиот дел на првенството, предвидени во десет рунди по принципот дома/гости. Но, ова е сосема поинакво ниво отколку она во јадранската регионална конкуренција, на коешто сепак МЗТ ќе треба да се прилагоди, особено што конкурентите од земјава посебно наострени ќе го очекуваат секој дуел со тимот којшто важи за најдобар последниве сезони. Лучиќ е повреден, сигурно нема да игра, а делумно неизвесен е настапот и на Николовски, што би можело да ја усложни задачата на тренерот Зоран Мартич, којшто на домашната сцена не ќе може да користи повеќе од четворица странски играчи. Сето тоа навестува дека се отвора простор за поголемо експонирање на македонските кошаркари – триото Гечевски-Чековски-Стојановски, надополнето со значителна минутажа и на оние коишто добиваа многу помала шанса на средбите во регионалната лига.
По инфериорноста во претходните две сезони во коишто противникот се издигна на највисокото место на пиедесталот, Работнички годинава почна да ги пребродува и организациските проблеми, а пред суперлигашкиот дел од шампионатот значително се засили и кадровски. Ако последниве години беше нерамноправен во секој поглед, во најтрофејниот македонски тим се уверени дека овој пат се многу поконкурентни. Како ретко кога од почетокот на доминацијата на МЗТ, се чувствува возбудата и меѓу фановите на Работнички, иако првата средба сезонава ќе се одигра на терен на којшто домаќин ќе биде конкурентот. Ангажманот на Колмен и на Мираковски внесува нов квалитет во редовите на тимот не Емил Рајковиќ, што дополнително ги зголемува очекувањата на сите оние на коишто при срце им се црвената и белата боја.
Ова ќе биде 119.меѓусебен меч на вечните македонски кошаркарски ривали. Уште од периодот на славната доминација којашто почна веднаш по осамостојувањето, Работнички е статистички далеку подобар со 76 победи досега. МЗТ Скопје има 42, но ги доби последните четири. Последниот триумф на Работнички е на 4 декември 2011, во салата „Градски Парк“.
Директниот пренос од дербито МЗТ Скопје-Работнички е на МРТ-1 од 17.30 часот.
