Карневал

Продолжува вевчанската традиција

13.01.2022 15:58

Вевчани денеска пулсира во карневалскиот ритам. Стотици маскирани лица во очи на верскиот празник Свети Василиј и Старата Нова година денеска ја продолжија вековната традиција и на свој специфичен начин полн со хумор и игра ги исмејуваа негативните појави во нашето општество, но не ги заобиколија ниту јавните личности и политичарите...

Со дефилето на василичарските маски попладнето започна Вевчанскиот карневал. Традиција која опстојува повеќе од 1.400 години пред дочекот на верскиот празник Свети Василиј Велики, односно дочекот на Старата Нова година. Преку спонтана импровизација маскираните лица ги исмејуваа негативните општествени појави во текот на изминатата година, јавните личности и политичарите од земјава и светот.

Денеска повторно до израз дојде слободата на духот на вевчанци во чии перформанси покрај домаќините и гостите уживаа и претставници на дипломатскиот кор во земјава, но и политичари на кои не им пречеше нивниот специфичен хумор.

Песната и играта низ улиците и во домовите на вевчанци ќе трае до раните утрински часови со традиционалната посета на секое семејство од страна на василичарите предводени од зетот и невестата.

 

Сашо Нелоски