Македонија

Продолжување на концесиите за ловство

14.01.2022 09:32

Концесионерите на ловиштата можат да поднесуваат барања за продолжување на концесијата за една година. На овој начин, оние кои стопанисуваат со ловните региони исто така ќе имаат можност да бидат и корисници на средствата од петтиот пакет на антикризните ковид мерки.

Концесионерите на дивеч на ловиштата  може да поднесат барање за продолжување на концесијата за една година без плаќање на надоместок.

Можноста произлегува од новите измени на Законот за ловство, а може да ја искористат оние субјекти кои имаат склучено важечки договор пред први февруари 2021 година.

Во рок од 30 дена барање за користење на поволноста може да се поднесе до Министерството за земјоделство и тоа од денот на стапувањето во сила на измените, почнувајќи од 16 декември.

Со ова дополнување на законската регулатива се овозможува да се реализираат мерките од Петтиот антикризен ковид пакет за финансиска помош во кои и ловството е опфатено како значајна стопанска дејност.

Барање за склучување Анекс на договорот може да поднесе коцесионерот на ловиштето кој нема ненамирени обврски за доспеан, а неплатен долг.

Со ваквата мерка за финансиска поддршка на 181 ловиште во нашата земја  им се овозможува да направат дополнување на договорот, а надоместокот за кој ќе бидат ослободени во овој период и парите ќе можат да ги искористат за друга намена е во висина од вкупно 12,6 милиони  денари. 

Методија Трајков