Традиција

Со палење на маските завршува Вевчанскиот карневал

14.01.2022 12:37

Со палење на маските денес завршува Вевчанскиот карневал. И овој пат вевчанци на своите сограѓани и гостите им приредија несекојдневни доживувања со специфичниот начин на прикажување на негативните појави во земјава и светот во текот на изминатата година...

Со традиционалното василичарско оро и палење на маските денес беше спуштена завесата на уште едно издание на Вевчанскиот карневал. На тој начин жителите на оваа живописна населба веруваат дека го бркаат злото и ќе имаат бериќетна година исполнета со многу среќа и убави мигови. Вевчанци вчера уште еднаш на своевидниот театар на отворено го покажаа својот слободарски дух исмејувајќи ги преку маските негативните појави во нашето општество и во светот при што не беа поштедени ниту јавните личности и политичарите. И овој пат василичарите од Горна и Долна маала ја покажаа својата креативност, а особено до израз дојдоа групните маски кои беа најпривлечни за гостите кои уживаа и во песната и игрите на вевчанци.

Да потсетиме дека Вевчанскиот карневал опстојува повеќе од 14 века и секогаш се одржува во очи на верскиот празник Свети Василиј Велики, односно дочекот на старата Нова година. Заради автентичноста и оригиналноста на маските карневалот уште од далечната 1993 година е член на Светската асоцијација на карневалски градови што придонесе за афирмација на манифестацијата, Вевчани и нашата земја во светски рамки.

Сашо Нелоски