Последен аплауз за продуцентот Горјан Тозија
Никогаш не запознав човек, којшто повеќе од Горјан Тозија, го сака филмот, го разбира и што живее со филмските творци, изјави режисерот Игор Иванов- Изи на комерморацијата во Кинотеката на Македонија. Со името на продуцентот Тозија, е поврзана реализацијата на најзначајните филмски остварувања во земјава...

Заврши филмот на Горјан Тозија. Но, неговите дела ќе нè надживеат сите нас, како што му доликува на еден хедонист и голем вљубеник во филмот. Продуцентот Горјан Тозија беше испратен со последен аплауз.
Никогаш не запознав човек којшто повеќе го сака филмот. Не филмот како гледање филмови, или на сет, туку филмот како суштина, во неговиот бит. Човек којшто постојано беше на врвот и на дното. Како што живеат вистинските филмаџии веќе 120 години. Мече беше од оние ретките кои успеваат околу себе да врзат многумина такви сонувачи. Луѓе полни со љубов која не ја собира ниту во една институција од било која природа- беше речено на комеморацијата за големиот филмски продуцент Горјан Тозија.
Филмот загуби човек којшто го разбираше филмот, се бореше и живееше за него, а јас изгубив дел од моето семејство и безрезервна поддршка низ најтешките животни мигови- рече режисерот Вардан Тозија.
Со загубата на Горјан заврши една епоха. Тој беше поголем од животот, неповторлив, необичен, конфилктен, импулсивен, егоцентричен, забавен. Неговиот лик и дела нема лесно да избледат, порачаа почитувачите на Тозија.
Александра Спировска
