Раст на бројот на вработени во зоните од 8,1%
Бројот на вработени лани се зголемил за 8,1 процент, покажуваат податоците на Дирекцијата, од каде што очекуваат овој тренд да продолжи и во 2022-та. Првиот човек на зоните, Јован Деспотовски вели дека според потпишаните договори, постојните инвеститори треба да отворат дополнителни 7 илјади работни места...

Во компаниите од слободните зони работат над 14 илјади луѓе. Бројот на вработени лани се зголемил за 8,1 процент, покажуваат податоците на Дирекцијата, од каде што очекуваат овој тренд да продолжи и во 2022-та. Првиот човек на зоните, Јован Деспотовски вели дека според потпишаните договори, постојните инвеститори треба да отворат дополнителни 7 илјади работни места, а новите инвеститори да додат уште 3,5 илјади. До 2025-та треба да се стине до просечна нето-плата од над 840 евра.
„Просечната нето-плата во рамки на зоните за сите вработени до 2025 година очекувам да порасне за 12 проценти. Тоа е придонесот на новите работни места и на повисоките плати коишто се веќе обезбедени за овие нови работни места. Очекувам овој тренд да биде значително повисок и со растот на платите кај постојните капацитети и со повисоките плати коишто ќе ги донесат инвеститорите со повисок квалитет“, изјави Јован Деспотовски, директор на ДТИРЗ.
Се преговора, вели Деспотовски за три крупни вложувања во енергетиката. Лани биле постигнати договори за инвестиции во вредност од 188 милиони евра, со компании коишто планираат околу 2700 нови вработувања.
„Во фаза на преговори се дополнителни околу 300 милиони евра, со планирани над 1500 нови вработувања. Кога велам во фаза на преговори, тоа подразбира дека инвеститорите веќе доставиле писмо за намери, инвестициски план и разговоравме во делот на локацијата каде ќе се обезбеди инвестицијата, вклучително и државната помош“, вели Деспотовски.
Компаниите од зоните лани направија рекорден извоз од 3 милијарди евра. Проекциите се дека за десет години, буџетските проиходи од зоните ќе се зголемат од постојните 40 на 190 милиони евра.
Мартин Пушевски
