Енергетска криза

БЕГ ќе остане без лиценца ако престане да испорачува топлинска енергија

14.01.2022 15:11

БЕГ има пари за набавка на гас само до крајот на денов, илјадници домаќинства од Скопје под закана на минусна температура да останат без парно. Регулаторна предупреди- за студени радијатори следува одземање на лиценцата. Покрај БЕГ, незадоволство има и од АД ТЕ-ТО пo вчерашната одлука на Владата. Бараат цената да биде речиси двојно повисока, или 270 евра по мегават час без ДДВ...

„Балкан енерџи груп“ ќе остане без лиценца во моментот кога ќе престане да испорачува топлинска енергија во Скопје, а одговорноста за снабдување со топлинска енергија ќе ја преземе Владата, предупреди првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика.

Ваквата опомена доаѓа откако БЕГ соопшти дека има пари за набавка на гас само до крајот на денов, што доведува под закана илјадници домаќинства од Скопје на минусна температура да останат без парно греење.

„Како општествено одговорна компанија информираме дека немаме повеќе ресурси за обезбедување финансирање на грејната сезона без државна помош за компензирање на тарифата за производство на топлинска енергија со што не ќе можеме да продолжиме со производство на топплина“, се наведува во соопштението на БЕГ.

БЕГ предложи Владата времено да го преземе управувањето со компанијата до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона, но првиот човек на Регулаторна смета дека понудата е неприфатлива.

Владата обезбеди кредит од 8 милиони евра од Развојната банка за БЕГ да набави гас, но, како што кажа министерот за економија Крешник Бектеши, БЕГ не може да достави банкарска гаранција, а тие не можат да даваат кредити во име на владата без да бидат гарантирани средствата.

Покрај БЕГ, незадоволство од владините предлози има и од АД ТЕ-ТО пo вчерашната одлука на владата да мора да работат секојдневно од 5 часот наутро до 1 часот по полноќ, при што дополнителните количества на произведена струја ќе ги откупува АД ЕСМ по цена до 170 евра за мегават час.

Од ТЕ-ТО велат дека бараат цената да биде речиси двојно повисока, или 270 евра по мегават час без ДДВ.

БЕГ е најголемиот производител и снабдувач со топлинска енергија во Скопје. На неговиот систем се приклучени над 58.000 скопски домаќинства. Компанијата западна во финансиска криза откако цената на гасот на берзите скокна неколкукратно.

Марина Стојанова Тонева