Пендаровски: Државата е должна да обезбеди услови за здрава животна средина
Претседателот Стево Пендаровски денеска одржа консултативна средба со претставници на граѓански организации, професори и експерти од областа на животната средина, на која беа претставени нивните размислувања и предлози во однос на приоритетите во Рамката за развој МКД2030. Тој порача дека државата е должна да обезбеди услови за остварување на правото на граѓаните за здрава животна средина и оттаму меѓу клучните теми во МКД2030 се животната средина и одржливиот развој...

Да се намали аерозагадувањето, да постои интегриран систем за управување со отпадот и ригорозна контрола врз индустријата, да се подоби квалитетот на водите, заштитата на шумите и биодиверзитетот, да се создадат одржливи системи за производство на храна и да се преземе поголема климатска акција.
Ова се некои од целите и приоритетите во животната средина до 2030 година кои претставници на граѓански организации, професори и експерти од Алијансата „Разбистри сè“ му ги пренесоа денеска на претседателот Стево Пендаровски на јавната дискусија во врска со изработката на Рамката за развој МКД2030.
Според учесниците во дискусијата, приоритетните области во кои треба засилено да се работи се климатските промени, циркуларната економија, квалитетот на воздухот, управувањето со отпадот и со водите, индустриското загадување, почвата и одржливите системи за храна, заштитата на природата, биолошката разновидност и шумарството.
Познавачите на состојбите велат дека е потребна трансформација на индустријата за да се намалат емисиите на стакленички гасови и целосно да се третираат отпадните води, пред да се испуштат, како и да се реши историското загадување на жешките еколошки точки во државата.
Треба да се запре губењето на биодиверзитетот и да се заштитат природните живеалишта и вредности, а 30 проценти од територијата да се прогласи за заштитени подрачја.
Јавната дискусија ја организираше Институтот за комуникациски студии во рамките на неговата кампања „Разбистри сè“, која е поддржана од Британската амбасада во Скопје.
Катерина Топалова
