Седница за избор на нова влада
Во македонското собрание, финиш на седницата за избор на новата влада. Мнозинството дава поддршка за кандидатите и за предлог-програмата, и очекува успешно справување со предизвиците. Опозицијата со критики дека се нуди продолжување на политиките на Зоран Заев. Гласањето пред полноќ, по говорот на мандатарот Ковачевски, кому утре во 9 часот, актуелниот премиер Заев треба да му ја предаде функцијата...

Во новата влада има личности со големо искуство и професионален капацитет кои ќе ги надминат критериумите поставени од претходната и ќе постават повисоки стандарди. Собраниското мнозинство со поддршка за кандидатите на Ковачевски и за предлог-програмата на мандатарот, очекува успешно справување со предизвиците. Од ВМРО-ДПМНЕ повик – Ковачевски да најде заеднички јазик со опозицијата за спорот со Бугарија и за стратешките интереси на земјава.
Дискусијата во Собранието во неколку правци – биографиите и компетентноста на кадрите, владината програма, но и за учеството и поддршката од помалите партии за кабинетот на Ковачевски. Опозициската ВМРО- ДПМНЕ ги критикуваше коалициските парнери на СДСМ, обвинувајиќи дека се или уценети или криминализирани. Тие одговорија – тоа се навреди и невистини.
Според власта, новата влада има целосен легитимитет од последните парламентарни избори. Според опозицијата, легитимитетот не може да се црпи од изборите, бидејќи тројца носители на изборни единици се веќе одметнати.
За избор на новата влада е потребна поддршка од 61 пратеник.
Марија Котовска
