Петков подготвен за нов почеток
Бугарскиот премиер, Кирил Петков, во вторник со делегација ќе пристигне во посета на земјава. Тој во интервју за нашата информативна агенција, вели дека со себе не носи анекс на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, туку доаѓа со конструктивен тон и со подготвеност за нов почеток. Петков, охрабрен од конструктивниот телефонски разговор што го имал со Ковачевски, вели дека се надева оти на средбите ќе се договори формирањето на петте работни групи, коишто треба да ги придвижат односите меѓу двете земји…
Бугарскиот премиер Кирил Петков ќе биде прв странски државник кој ќе дојде во посета на земјава по изборот на новата влада. Тој во интервју за МИА, посочува дека во вторник ќе пристигне со конструктивен тон и со подготвеност за нов почеток кој ќе биде подинамичен, попрактичен и ослободен од, како што вели, досегашните декларативни заложби и насочен кон конкретните важни прашања коишто го засегаат секојдневието на граѓаните на двете земји. Петков ги отфрли шпекулациите дека доаѓа со анекс на договорот.
„Доаѓам со конструктивен тон и подготвеност да почнеме да работиме заедно. Немам подготвен документ или нешто, бидејќи сите тие документи немаат поента ако не им дадеме вистинска мотивација дека мора да ја завршиме работата. Јас предлагам документите да ги оставиме како втор чекор, а прво да почнеме, за да има нешто за што ќе пишуваме во следниот документ. Инаку, опасноста е дека ние ќе напишеме документ и после што од тоа? Тука, задачата е да направиме програма, да ги направиме работните групи, да започнеме со дијалог, да имаме чувство на меѓусебна доверба и дека од двете страни има добри намери и да си ги поставиме целите коишто сакаме да ги постигнеме за максимално краток период“, вели Петков.
Бугарскиот премиер го оцени како мошне конструктивен телефонскиот разговор со Ковачевки и вели дека двајцата, како луѓе од економската и бизнис сфера имаат слична енергија за да ги придвижат работите. Петков се надева дека за време на посетата ќе се договорат околу формирањето на петте работни групи – за економија, култура, инфраструктура, евроинтеграција и историја, кои би се состанувале еднаш месечно за да се постигне напредок.
Според Петков, не се потребни рокови за решавање на спорот, туку потребни се реални резултати, што беше еден од заклучоците по одржаниот Совет за национална безбедност, свикан од претседателот Радев. Петков сега вели дека рокот зависи само и единствено од подготвеноста секоја од страните да си подаде рака за да се заврши работата.
Александра Спировска
