Туризам

Охрид: За Водици хотелите ќе бидат минимално исполнети

16.01.2022 17:04

И покрај новиот бран од пандемијата Дебарско-кичевската епархија одлучи верскиот празник Водици да се одбележи на градското пристаниште, при што е упатен апел до верниците да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот. Се очекува на чинот на осветувањето на езерските води да присуствуваат поголем број верници од Охрид, но и од целата држава, меѓутоа информациите од хотелите говорат дека бројот на гостите ќе биде минимален…

Остануваат уште неколку дена до големиот христијански празник Водици којшто во Охрид традиционално се одбележува масовно и на спектакуларен начин. За разлика од лани верскиот церемонијал на положувањето на светиот крст во езерските води годинава повторно ќе се одржи на градското пристаниште во присуство на голем број верници. Сепак поради новиот бран од пандемијата охридските хотелски капацитети ќе имаат скромна посетеност, а некои објекти веќе ги затворија вратите за гости.

„За претстојниот празник Богојавление Водици нашиот хотел е половично исполнет во овој период. Ако направиме една споредба со претходните години има драстично намалување на бројката на посетители. Главно тоа се домашни гости, причините се добро познати, ситуацијата со Ковид-19“, вели Зоран Јанчески-менаџер на хотел

Кај угостителите владее поголем оптимизам. Тие очекуваат најголемите вљубеници во Охрид да допатуваат за празникот.

„Го знаете интересот на жителите на градов, очекуваме нивно присуство во голема мера и се надеваме иако е на сред недела и во вакви пандемски услови сепак очекуваме гости од околните градови коишто ќе дојдат барем на еднодневна прошетка бидејќи таква сензација навистина заслужува да биде видена и посетена. За оваа година навистина на сите ни е жал што празникот Свети Јован Крстител којшто е на 20-ти оваа година нема да се прославува“, изјави Михаил Мишев-претседател на угостителски еснаф Охрид.

До мај се очекува туристичкиот сектор во Охрид да работи главно во текот на викендите а градот ќе го посетуваат во мал број и организирани групи туристи.

Експертите и годинава не очекуваат драстично зголемување на странските туристи. Велат потребно е време но и гаранции дека нашата земја е безбедна.

Додека се обноват старите релации со тур-операторите од традиционалните пазари според нив ќе му биде потребна поддршка на туризмот кој веќе две години опстојува во невозможни услови.

Сашо Нелоски