Нова влада

Што содржи предлог-програмата на Ковачевски?

16.01.2022 16:57

60-тина страници со ветувања дека граѓаните дома ќе ги живеат европските стандарди и вредности. Програмата на новата влада содржи проекти за економски развој и за справување со енергетската криза, владеење на правото и мониторинг на неколку судски процеси, како и порака дека никој нема да преговара за идентитетот и за јазикот...

Предлог-програмата на мандатарот Димитар Ковачевски, доставена до Собранието е на 60 страници. Поделена е во неколку сегменти – забрзан и одржлив економски раст со подобар животен стандард, социјална инклузивност и развој на човечкиот капитал, владеење на правото и добро управување, унапредување на демократијата и на слободата, европски интеграции.

Ковачевски напишал дека разговорите со Бугарија ќе продолжат оти сме заинтересирани за поголема економска, културна, образовна и младинска соработка со источниот сосед, како и за подобра инфраструктура којашто ќе не поврзува.

„Јасно велиме дека историјата е на историчарите, но идентитетските прашања се и прашања и темели на народот и на државата, па оттука за Владата на Северна Македонија нема да постои никаква дилема дека никој не смее и никој нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ и за историски и научно потврдената специфичност и уникатност на македонскиот јазик“

Мандаторот во програмата ветува дека главна цел е да ги донесат европските стандарди и вредности дома и да им овозможат на граѓаните европски начин на живот. Во борбата со пандемијата, Владата планира да ги стимулира младите да се вакцинираат и да ги одржува здравствените домови во полна кондиција за им обезбедат здравствена заштита и нега на граѓаните. Во делот на здравството, остануваат ветувањата за изградба на нов клинички центар во Скопје и на клиничкиот центар во Штип.

Во делот на економијата, клучна цел на Владата се просечни стапки на раст на БДП од 5 проценти, одржување на фискалната стабилност, повеќе инвестиции, мобилизирање на капитал од приватниот сектор, справување со енергетската криза. Владата во програмата најавува поголема праведност во оданочувањето, подобра наплата и квалитет на услугите на администрацијата. Според Предглог-програмата,стапката на невработеност до крајот на 2026 година треба да падне на 8,6 проценти, а просечната плата да достигне 34 илјади денари.

Во енергетиката се најавува енергетска транзиција, којашто на краток, среден и на долг рок ќе обезбеди сигурност во снабдувањето, со фокус на обновливите извори. ТЕЦ Неготино ќе работи на гас, ќе се отвора рудникот Живојно за обезбедување јаглен, модернизација на големите хидроелектрани, тука е и неизбежното ветување за ХЕЦ Чебрен со очекување да се потпише договор до 2022 година, изградба на фотонапонски електрани, ветерници и сончеви паркови, развој на дистрибутивната мрежа за гас. Во екологијата, Владата се обрзува дека до 2024 година, ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење.

Во делот на Владењето на правото, се  наведени мерки за обезбедување фер и непристрасно судење, како и мониторингот на случаите на висока корупција. Владата од Брисел ќе бара тим од независни експеррти за  меѓународен мониторинг на процеси за кои постојат сомневања за извршено политичко влијание, како што се: Монструм, Алфа, Диво Насеље, Малиот Алмир.

 

Мартин Пушевски