„Отворен Балкан“

Се олеснува трговијата со храна

17.01.2022 09:49

Се олеснува трговијата со храна со стапување во сила на Договорот за соработка во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“. На граничните премини, при увоз на прехранбените производи се врши само контрола на документацијата, а деталниот преглед на местото на истовар или на царинските терминали во внатрешноста.

Со Договорот, за соработка во областа на ветеринарството, безбедност на храна и фитосанитарната политика се обезбедува полесен пристап и поедноставни царински постапки. Намален е бројот на физички контроли и лабораториски испитувања при увоз на храна, животни, добиточна храна, растенија и други производи.

Во насока на олеснување на трговијата меѓу трите држави и олеснување на протокот на стоки, меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија, врз основа на Договорот, на граничните премини при увоз се врши само контрола на документацијата. Односно, идентификациски преглед на пратките, додека физичкиот се спроведува на местото на истовар или на царинските термнинал во внатрешноста, велат од агенцијата за храна и ветеринарство.

Договорот има за основа интензивирање на соработката врз основа на воспоставените ЕУ стандарди и признавање на резултатите од извршените лабораториски анализи со акредитирани методи за олеснување на трговијата и развој на економиите во трите држави.

Тој претставува база и еден од првите чекори во активностите кои во оваа свера државите од иницијативата „Отворен Балкан“ треба да ги имплементираа во процесите на патот на евроинтеграциите и пристапувањето кон Европската унија.

Методија Трајков