Свет

НАТО: За безбедноста нема компромис

17.01.2022 13:36

НАТО нема да ги повлече војниците од земјите кои се приклучија на сојузот по 1997 година, вели генералниот секретар Столтенберг. Нема компромиси за основниот принцип на европската и меѓународната безбедност...

„НАТО не прави компромиси околу принципите на европската и меѓународната безбедност “, нагласи генералниот секретар Јенс Столтенберг во интервју за Си-Би-Си. Русија останува во центарот на вниманието. Столтенберг потсети - никогаш нема да ги повлече своите трупи од земјите кои се приклучија по 1997 година, бидејќи тоа ќе ги направи членки од втор ред, Барањата на Москва за прекин на ширењето на Алијансата кон истокот не беа прифатени. Западот и натаму се обидува да ги одгатне намерите на Москва, особено по серијата неуспешни состаноци на европско тло.

„Можеме да шпекулираме, но факт е дека не можеме да бидеме сигурни. Засега знаеме дека постои значително зголемено руско воено присуство, десетици илјади трупи со тешко вооружување. Знаеме дека користат заканувачка реторика. Ако не сме ги слушале, ќе сме се соочеле со, како што велат, „воено-технички последици“. Мене ми звучи тоа како употреба на воена сила врз Украина. А тука е и досието на Русија. Во минатото оваа земја употребуваше сила врз соседите“, изјави генералниот секретар на НАТО, Столтенберг.

По дипломатското фијаско, војските остануваат на двете страни од границата.  Украинските сили на интензивни вежби, тврдат дека сепаратистите изведувале свои маневри коишто ги надгледувале руски офицери.

Во меѓувреме, тензиите се префрлија и во виртуелниот простор. Украина ја обвинува Русија за последниот кибернетички напад врз владини портали. САД се заканија со санцкии.

„Ако влезат во Украина, ќе има сериозни економски последици, ќе платат цена за тоа. Ако Русија извршила хакерски напади и ако продолжи со тоа, ние и сојузниците ќе подготвиме соодветен одговор“, вели Џејк Саливан, советник за национална безбедност на САД.

И покрај неуспешните обиди, сите засегнати страни остануваат отворени за дијалог со цел да се избегне повторно разгорување на фронтот на кој загинаа 14 илјади луѓе.

 

Маја С. Филдишев