Македонија

Ковачевски - Брнз: Економската соработка да се интензивира со акцент на енергетски проекти

17.01.2022 14:04

На средбата меѓу премиерот Ковачевски и амбасадорката Брнз стана збор и за определбата да продолжи економската соработка меѓу двете земји со посебен акцент на поттикнување на проекти и инвестиции кои ќе овозможат трајна и одржлива енергетска независност на Северна Македонија.

Премиерот Ковачевски денеска ја прими и амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз. Амбасадорката Брнз му го честиташе изборот за премиер на Димитар Ковачевски и му посака успех во спроведувањето на програмските цели на новиот владин кабинет меѓу кои соработката со САД, како стратешки партнер на Република Северна Македонија е во врвот на приоритетите на меѓународната политика на земјата, информираат од владината прес- служба.

На средбата меѓу премиерот Ковачевски и амбасадорката Брнз стана збор и за определбата да продолжи економската соработка меѓу двете земји со посебен акцент на поттикнување на проекти и инвестиции кои ќе овозможат трајна и одржлива енергетска независност на Северна Македонија.

За Вашингтон Северна Македонија и регионот остануваат важен геостратешки интерес и во таа насока од клучна важност за САД е деблокирање на евроинтеграцискиот процес за земјата и одржување на првата меѓувладина конференција со Брисел и отворањето на првите поглавја во процесот за членство во ЕУ.

Ковачевски на работната средба со амбасадорката Брнз нагласи дека најавената официјална посета на премиерот на Република Бугарија, Кирил Петков и на членовите на неговата Влада за 18 јануари, е добра порака која најавува сериозен исчекор за отворените прашања меѓу двете земји и за изнаоѓање решенија прифатливи за двете страни.

Амбасадорката Кејт Мари Брнз потенцираше дека за САД односите меѓу двете земји како најблиски соседи и сојузници во НАТО е од исклучителна важност и дека од посебно значење е брзото решавање на клучните прашања кои ќе го овозможат континуитетот на процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ.