Политика

Ковачевски: Нема отстапки од црвените линии во разговорите со Софија

17.01.2022 14:27

По изборот во Собранието, новиот премиер Ковачевски и членовите на владата, на прием кај шефот на државата Пендаровски. Претходно на „Илинденска“, Заев му ја предаде премиерската функција на својот сопартиец. Ковачевски дециден- нема отстапки од црвените линии во разговорите со Софија…

Енергетската криза, предизвиците со пандемијата, евроинтеграциите во фокусот на новата Влада. Премиерот Ковачевски по средбата со шефот на државата Пендаровски, рече дека спорот со Бугарија ќе се надминува со интензивни разговори без да бидат загрозени идентитетот и јазикот. На средбата со новиот бугарски премиер Петков, ќе се дискутира за теми од областа на економијата, образованието, иновациите, инфраструктурата и евроинтеграциите, додека историските прашања ќе бидат во овој период ставени настрана. Во однос на малцинските права, тој го повтори ставот-Северна Македонија нема да се меша во внатрешните прашања на своите соседи.

„Во однос на историските прашања, секогаш велам дека тие треба да бидат дел од дебатата на историчарите, а довербата на граѓаните треба да се гради со подобар стандард за нив. Нашите позиции се кристално јасни, ние сме Република Северна Македонија, со засебен идентитет, говориме македонски јазик. Ние сме држава која кажала дека нема да се меша во внатрешните работи на другите држави“, нагласи Ковачевски.

Ковачевски не одговори дали наскоро може да се очекува лидерска средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.

„Сметам дека сите политичари и експерти, без разлика на нивната партиска или политичка припадност треба да дадат придонес за решавање на проблеми. Ќе воспоставиме комуникација со Мицкоски, за изнаоѓање на решенија“, рече Ковачевски.

И од опозициската партија потврдуваат дека засега се останува на веќе кажаното-средба да, но само за предвремени избори и за отворените прашања со Бугарија.

Марина Стојанова Тонева