Евроинтеграции

Поддршка од Германија за почеток на преговори

17.01.2022 14:50

Германската министерка за Европа, Ана Лирман на средби со државниот врв. Разговараше и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Официјален Берлин со порака- преговорите за пристапување во ЕУ со Албанија и Северна Македонија мора да почнат веднаш. Двете земји ги исполнија условите за почеток на пристапните преговори...

Прва посета на германски политичар по изборот на новата влада е доказ дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан останува приоритет и за новиот кабинет на канцеларот Шолц, ова е пораката со која државниот секретар за Европа, Ана Лирман пристигна во Скопје.

Северна Македонија ги усполни сите услови и треба да почне преговори без одлагање, порача Лирман по средбата со вицепремиерот за европски прашања Маричиќ.

Германската министерка за Европа истакна дека за Германија е важно билатералните прашања да се решаваат независно од пристапниот процес. Соопшти дека сериозно разговарале и со Бугарија за надминување на блокадата.

Маричиќ не сакаше да лицитира со датуми за почеток на преговори, бидејќи не било корисно. Нагласи дека треба поскоро да се дојде до преговарачка рамка за првата меѓувладина конференција. Најави дека во директни отворени разговори со Бугарија ќе се бара решение за отстранување на блокадата.

По средбата во Владата, премиерот Ковачевски и Лирман се согласиле дека целосната интеграција на Западниот Балкан е во политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ. Ковачевски потенцирал дека новата влада останува на реформскиот пат за членство во ЕУ и дека при средбата со бугарскиот премиер гледа исчекор за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение со Софија.

Остануваме посветени на евроинтеграцијата и очекуваме скорешен почеток на преговорите. Подготвени сме за продолжување на дијалогот со Бугарија во духот на добрососедските односи за надминување на блокадата на евроинтеграцијата, истакнал претседателот Пендаровски во Вила Водно со министерката Лирман.

Ирина Гелевска