Здравство

Лекарската комора го осудува нападот на лекар во охридската болница, бара да се донесат измените на Кривичниот законик

17.01.2022 15:54

Искажуваме поддршка за нападнатата колешка и благодарност до оние кои реагирале и спречиле поголем инцидент, стои во соопшетнието на Лекарската комора. Според претставниците на лекарите, решение за овој предизвик се носењето на измените на Кривичниот законик...

Лекарската комора најостро го осудува инцидентот во кој пациент физички нападна лекар на работното место во Општата болница во Охрид. Искажуваме поддршка за нападнатата колешка и благодарност до оние кои реагирале и спречиле поголем инцидент, стои во соопшетнието на Лекарската комора.

„Во услови на пандемија која трае веќе речиси две години лекарите секојдневно се наоѓаат под притисок да одговорат на потребите на зголемениот број пациенти, а заканите, како и физичките и вербални напади само го отежнуваат пружањето на здравствена услуга и негативно влијаат на нејзиниот квалитет. Исто така, лекар кој се чувствува небезбедно на работното место не може да биде максимално ефикасен во извршувањето на работите обврски“ - се вели во реакцијата.

Според претставниците на лекарите, решение за овој предизвик се носењето на измените на Кривичниот законик. Лекарската комора барала измени на законската регулатива со кои нападот на здравствен работник на работното место ќе се смета за напад на службено лице за што  јавното обвинителство ќе покренува кривична пријавата по службена должност и за што ќе има кривична одговорност. За ова да стапи на сила неопходни се измени на Кривичниот законик, кои се во собраниска постапка.

„Апелираме пратениците во Собранието што побрзо да ги разгледаат и донесат овие законски измени, кои веруваме дека ќе испратат порака дека насилството не ги решава проблемите, туку само дополнително ги комплицира, поради што во случај на спор треба да се бараат системски решенија“- се вели во соопштението .

Лекарка од Инфективното одделение во болницата во Охрид за време ноќно дежурство била нападната од пациент кој бил револтиран бидејќи чекал долго време за преглед. Првин вербално, а потоа и физички се пресметал со лекарката при што ја фатил за врат, но за среќа, останатите присутни спречиле да не дојде до поголем инцидент.

Минатата година лекари беа напаѓани од роднини на ковид болни пациенти.  Претходно, имаше и напади врз медицински персонал. Во болницата „Св. Наум Охридски“ од придружба на пациент беа нападнати лекари, медицински сестри, болничари, во Тетово беше претепан лекар до бессознание, а во Кавадарци и Драчево беа нападнати медицински сестри. Една година подоцна беше нападнат лекар на Клиниката за токсикологија. 

Наташа Јанчиќ Менковски