Хроничен недостиг од медицински кадар во охридската болница
Како и во сите здравствени установи во земјава и во охридската општа болница има недостиг од медицински кадар. Директорот Горан Балевски бара што поскоро да се ангажираат пријавените медицински лица во Центарот за вработување. Притоа процесот на нивно вработување да биде побрз бидејќи во спротивно ќе заминат странство, особено оние коишто со висок просек ги завршиле студиите.

Повеќе од една деценија во охридската општа болница има континуиран недостиг од доктори и средно медицински кадар. Проблемот ќе се продлабочи ако се знае дека наскоро во пензија ќе заминат триесеттина лекари,а за оптимално функционирање на установата се потребни педесет доктори специјалисти. Поради тоа, директорот на болницата д-р Горан Балески смета дека треба што поскоро да се ангажираат сите пријавени лекари и медицински сестри во Центарот за вработување, а процедурата за нивно вработување да биде максимално поедноставена и скратена.
„Мене ми е грев некои доктори што навистина дојдоа тука во болницава со перфектно познавање, со одличен просек девет и нешто за да му речете дојди во охридската болница па ќе волонтира една година, две за некои 200, 300 евра. Па тој ќе си замине, јас да сум нема ни да дојдам, ќе си заминам веднаш. Тоа е реалноста, ние можеме да зборуваме што сакаме“, вели д-р Горан Балески- директор на Општа болница Охрид.
Има недостиг и од средно медицински кадар, но тоа не треба да се решава со лица коишто завршиле друга струка па по неколкумесечна преквалификација да доаѓаат во здравството како медицински сестри, вели Балески. Тој смета дека треба да се укинат измените во законот со кои е тоа овозможено.
„Меѓутоа ние обично правиме да стои дека е медицинска сестра болничар. После три години со потпишување од главната сестра на одделот,од началникот може да почне да работи под надзор. Не можете вие некој што завршил текстилно со 4- 6 месеци таму некој курс или преполагале испити, да го ставите во сала да биде инструментарка или да работи со луѓе или да боцка вени, тоа е недозволиво“, вели д-р Балески.
Според Балески, во моментот единствено решение за премостување на состојбите е измена на законот со што на лекарите од другите градови и клиниките ќе им се овозможи да доаѓаат во Охрид, додека не се надмине недостигот од лекари специјалисти.
Сашо Нелоски
