Дијалог Скопје- Софија

Ковачевски и Петков најавија интензивна комуникација и конкретни резултати

18.01.2022 12:50

Ковачевски и Петков најавија интензивна комуникација и конкретни резултати од дијалогот. Ќе се формираат работни групи за поблиска соработка. Бугарија прифаќа да го користи краткото име Северна Македонија. „Го почитуваме правото на самопределување“, нагласи бугарскиот премиер...

Бугарскиот премиер Петков во еднодневна посета на земјава. По тет- а- тет средбата во Владата, Ковачевски и Петков најавија интензивна комуникација и конкретни резултати од дијалогот. Ќе се формираат работни групи за поблиска соработка. Бугарија прифаќа да го користи краткото име Северна Македонија.

„Се договоривме дека Бугарија прифаќа да го користи краткото име – Северна Македонија подеднакво како и долгото – Република Северна Македонија. Бугарија нема веќе да ја кочи употребата на краткото име во ниту една институција и за тоа ги извести Обединетите Нации“, рече Ковачевски на заедничката прес-конференција.

​Ковачевски нагласи дека отстранувањето на прашањето околу името од преговарачката маса е голем чекор. Следно што треба да се направи е да се финализира Договорот за прекугранична соработка, каде најзначаен проект е отворање на граничниот премин „Клепало“.

Го почитуваме правото на самопределување, нагласи бугарскиот премиер Петков во одговор на новинарско прашање.

„Во Договорот за добрососедство има многу јасна дефиниција за јазикот и во тој правец апсолутно го поддржуваме самоопределувањето на сите граѓани во Северна Македонија како и употребата на сите јазици како што се опишани во Уставот. Имаме полно разбирање за тоа и ќе продолжиме да ги третираме сите прашања во тој конструктивен дух“, рече Петков.

Премиерите на двете држави најавија дека на 25-ти јануари ќе се одржи заедничка седница на двете влади, со цел да се формираат работни групи.