Свет

Повеќемина повредени во снежното невреме во САД, илјадници домаќинства останаа без струја

18.01.2022 13:30

Повеќемина повредени во силното снежно невреме што ги погоди сад. Предизвикана е и матњеријална штета. Откажани се илјадници летови во САД и Канада. Многу домаќинства останаа без електрична енергија.

Неколку лица се полесно повредени во снежното невреме што го погоди источниот брег на САД. Уништени и оштетени се десетици монтажни куќи. Невремето е проследено со обилни снежни врнежи, грмежи и силен ветер.

За деловите на Нова Англија и сојузните држави Њујорк, Охајо, како и Пенсилванија, се прогнозираат снежна покривка и до 30 сантиметри. Снежни врнежи и дожд зафатија поголем дел од Масачусетс, Конектикат и Роуд Ајленд.

„Погледнете, заглавен сум. Воопшто не ми се допаѓа ова“, вели еден жител.

Во градот Њујорк не се очекуваат снежни врнежи. Но, метеоролошката служба предупреди на силни грмотевици во градот.

Слични временски услови се регистрирани и во југоисточниот дел на земјата. Повеќе американски држави беа зафатени од поројни дождови, а силните грмотевици на Флорида предизвикаа торнадо со брзина на ветровите од 190 километри на час.

Обилниот снег и снежните виулици одложија илјадници летови на источниот брег на САД. Илјадници домаќинства останаа без струја.

Проблеми во сообраќајот има и во Канада.

„Возилата останаа без бензин, а снежната бура станува сè посериозна. Испративме наши членови со резервоари со бензин за да се тргнат од патот“, изјави наредник Крис Ган од Кралската канадска коњаничка полиција.

Во многу делови на канадските провинции Квебек и Онтарио се издадени предупредувања за виулици, а голем број училишта се затворени.

 

Марина Ристова