Петков во посета на Скопје

Бугарија прифаќа да го користи краткото име Северна Македонија

18.01.2022 14:44

Премиерот на Бугарија, Кирил Петков во официјална посета на земјава. По средбата во Владата со премиерот Ковачевски најавија интензивна комуникација и конкретни резултати од дијалогот. Ќе се формираат работни групи за поблиска соработка. Бугарија прифаќа да го користи краткото име Северна Македонија. Го почитуваме правото на самопределување, изјави Петков.

На првата средба Ковачевски и Петков договорија интензивна комуникација и соработка меѓу двете држави. Ќе се формираат работни групи, во кои е вклучена и историската комисија. Двајцата премиери се согласија дека со засилена динамика тие треба да донесат реални резултати, меѓу кои и отстранување на бугарското вето на македонските евроинтеграции. Иако бугарскиот премиер се согласува дека секој народ има право на самопределување, не спомна точно македонски народ и јазик, повикувајќи се на Договорот за добрососедство.

Во Договорот за добрососедство имаме многу јасна дефиниција за јазикот и тезата за јазикот, како и во дел од другите документи кои се потпишани. Бугарија прва ја призна независноста на Северна Македонија и истовремено, со тоа, ние апсолутно го почитуваме самоопределувањето на сите граѓани во Северна Македонија како и користењето на сите ваши јазици, како што се дефинирани со Уставот. Имаме полно почитување на тоа и ќе продолжиме во најконструктивен дух да ги третираме овие прашања“, нагласи бугарскиот премиер Петков.

Бугарија ја прифатила употребата и на долгото и краткото име на нашата држава. Ковачевски и Петков децидни- ова е прв конкретен исчекор во напорите за меѓусебно почитување и разбирање.

„Со бугарскиот премиер Кирил Петков се договоривме Бугарија да го користи краткото име Северна Македонија подеднакво како и долгото име Република Северна Македонија. Министерството за надворешни работи испрати вербална нота до Обединетите нации со која се потврдува дека краткото и долгото име на државата се подеднакво валидни и дека користењето на краткото име нема никаква импликација врз територијалниот интегритет на Бугарија“, изјави премиерот Ковачевски.

Во Скопје падна договор за директна и почеста комуникација за работите што се од интерес на двете држави. Следната средба ќе се одржи за една недела во Софија.

 

Ирина Гелевска