ЦУК

Не постои опасност од излевање на Вардар во околните згради во Аеродром

18.01.2022 15:10

Не постои опасност од излевање на Вардар во околните згради во Општина Аеродром, откако вчера реката направи „заезерување“ и поплави дел од велосипедската и од пешачката патека, уверува првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов. И скопската градоначалничка Арсовска, вели дека ја следи состојбата...

Не постои опасност од излевање на Вардар во околните згради во Општина Аеродром, откако вчера реката направи „заезерување“ и поплави дел од велосипедската и пешачката патека во Аеродром, кај новиот мост во изградба во близина на хотелот „Русија“. Вака убедува директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Според него, и покрај најавените врнежи во наредните денови, не постои причина за паника.

„Доколку имаме силни врнежи од дожд или нагло топење на поголеми количини на снег, компанијата целосно да го отстрани овој насип кој што го попречува речното корито. За тоа ќе им биде потребно повеќе од еден ден. Додека триесетина минути се доволни за да се направи канал низ овој насип за водата да може да истече и заезерувањето да се намали. Затоа, нема потреба од паника, не постои опасност од поплава“, вели директорот на ЦУК, Ангелов.

Според Ангелов, синоќа се случило излевање поради градежниот зафат кој е направен во однос на изградбата на мостот, направен е насип со кој што е попречено дел од речното корито, со што доаѓа до подигнување на нивото на водата, која како што рече самиот, се испушта од системот на мавровските електрани, но и од Козјак, Матка 1 и Матка 2, поради производство на електрична енергија.

И скопската градоначалничка Арсовска вели дека ја следи состојбата. Побарано е поставување на соодветна сигнализација на кејот и механичко преградување на патеката.

 

Катерина Топалова