Мецола го наследи Сасоли
Малтежанката Роберта Мецола е избрана за нов претседател на Европскиот парламент. Од 690 присутни, за неа гласале 458 пратеници. Таа ја презеде функцијата, откако на 11-ти јануари годинава почина нејзиниот претходник Дaвид Сасоли...

Малтежанката Роберта Мецола е избрана за нов претседател на Европскиот парламент (ЕП). Од 690 присутни, за неа гласале 458 пратеници. Таа ја презеде функцијата откако на 11 јануари годинава почина нејзиниот претходник Дaвид Сасоли.
„Сакам луѓето да ја вратат вербата и ентузијазмот за нашите проекти. Верувам дека просторот што го делиме ќе биде побезбеден, поправеден, поеднаков и поправичен. Во следните години, луѓето ширум Европа ќе бараат од нашата институција водство и насоки, додека другите ќе продолжат да ги тестираат границите на нашите демократски вредности и европски принципи. Мораме да се бориме против негативниот наратив кон Европската унија, кој се прифаќа толку лесно и брзо“, изјави Роберта Мецола, претседател на Европскиот парламент.
Мецола е пратеничка на Малта во Европскиот парламент од 2013 година. Во ноември 2020 година беше избрана за прв потпретседател на оваа институција, а по смртта на Сасоли стана в.д. претседател на Европскиот парламент. За најновата функција се бореше против Шпанката Сира Рего, Полјакот Косма Злотовски и Швеѓанката Алис Бах Кунка.
Претседателот на Европскиот парламент има мандат од две и пол години. Улогата на оваа функција подразбира претседавање со дебатите и активностите на Европскиот парламент.
Маја С. Филдишев
