Регионална средба на ветеринарните комори

Африканската свинска чума e регионален предизвик

18.01.2022 16:01

Појавата на Африканска чума кај свињите ги става пред сериозен предизвик ветеринарните власти во сите земји од регионот. Постојаната размена на информации и искуства е заеднички заклучок од денешната средба на македонската и ветеринарните комори на Србија и на Хрватска…

Африканска свинска чума ги стави пред сериозен предизвик ветеринарните власти во сите земји од регионот што бара постојана размена на информации и на искуства е заеднички заклучок од средбата на македонската и ветеринарните комори на Србија и на Хрватска во Скопје. Од појавата на болеста кај нас, во делчевското село Драмче, во радиус од 3 километри веќе се уништени сите домашни свињи и тие се депонирани во сточна јама со што се преземени сите мерки да не дојде до ширење на вирусот.

Србија веќе неколку години се соочува со оваа болест кај свињите,додека во Хрватска сè уште не е детектирана, но се борат со друга болест што ја шират дивите свињи.

„Моментално можеме да кажеме дека имаме стабилна состојба, но го имавме тој случај на појава на една голема фарма при што мораа да бидат уништени скоро 20 илјади свињи. Тоа впрочем е и најголемата опасност,оваа болест да влезе во комерцијалните фарми“, вели Мишо Коларевиќ-претседател на Ветеринарната комора на Србија.

„Морам да кажам дека оваа сезона имавме мошне зголемен отстрел на диви свињи во Хрватска. Министерството дополнително финансиски ја поддржува ова активност и со тоа се намалува бројот на дивите свињи за да биде што помала можноста од контакти помеѓу животните. Од друга страна од интерес на фармерите е да имаат што подобри биосигурносни мерки“, додава Иван Земљак-претседател ан Хрватската ветеринарна комора.

Трите ветеринарни комори посочуваат дека најважно е почитувањето на пропишаните биосигурносни мерки,односно превентивата,со што ќе се спречат ширењето на болеста и ќе се ограничи економската штета за фармите со свињи, кои се најзасегнати од африканската свинска чума.

Свето Николовски