Од 21-ви јануари ЕСМ го презема управувањето со БЕГ и Скопје Север
Одлуката ЕСМ по 21-ви јануари да го преземе управувањето со компаниите произлегува од уредбата која беше усвоена од страна на Владата на предлог на Министерството во текот на минатата недела.

ЕСМ од четврток, 21-ви јануари ќе го преземе управувањето со БЕГ и Скопје Север за што претходно на седница одлука ќе донесе Владата, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Ние не субвенционираме приватни фирми и затоа е донесена одлука од страна на ЕСМ, која е фирма во 100 процентна сопственост на државата, да се преземе управувањето со БЕГ. Во пресрет на корисниците ќе излеземе преку ЕСМ, а не преку БЕГ, како што беше претходно најавено, имајќи предвид дека не се вклучија општините и Градот Скопје за да помогнат во оваа ситуација. Преку државната ЕСМ ќе се покрива разликата од реалната и постојната цена за корисниците, рече Бектеши на денешната средба со новинарите.
Тој нагласи дека одлуката ЕСМ по 21-ви јануари да го преземе управувањето со компаниите произлегува од уредбата која беше усвоена од страна на Владата на предлог на Министерството во текот на минатата недела.
Во четврток најверојатно ќе има нов договор меѓу ЕСМ, БЕГ и Скопје Север за кој јавноста навремено ќе биде информирана. Најверојатно, додаде Бектеши, од 21-ви јануари ќе има парно греење до 1:00 часот по полноќ со минимум 20 плус еден степен Целзиусов.
