Здравство

Ковид-19: Расте бројот на новозаразени и на реинфекции

19.01.2022 09:56

Епидемиолошките информации укажуваат дека земјата се наоѓа во пик на заразата и затоа, по препорака на Главниот координативен кризен штаб, Владата донесе одлука второто полугодие за околу 255 илјади ученици наместо утре да почне на први февруари.

За една третина (33,9 отсто) е зголемен бројот на нови ковид- случаи од 10 до 16 јануари споредено со претходната седмица односно дијагностицирани биле 11.123 од направени 45.401 тест и просекот на позитивност бил 24,4 отсто.

Епидемиолошките информации укажуваат дека земјата се наоѓа во пик на заразата и затоа, по препорака на Главниот координативен кризен штаб, Владата донесе одлука второто полугодие за околу 255 илјади ученици наместо утре да почне на први февруари.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, од минатиот до понеделникот оваа недела, половина од заразените (50,6 проценти т.е. 5.630) се од Скопје. Најзастапена возрасна група кај инфицираните е од 30 до 39 години. Зголемување на бројот на заболени има кај сите возрасни групи, особено кај лицата над 60 години, со раст од 99,6 отсто и кај тие од 50 до 59 – со зголемување од 90,3 отсто во однос на претходната недела. Во текот на минатата недела пријавени биле 1.247 реинфекции, што споредено со неделата претходно е зголемување од 31,8 проценти. Од вкупно 96 позитивни примероци на SARS-CoV-2, кај 57 (59,4%) е детектиран сојот омикрон, откриен во седум градови (Скопје, Кавадарци, Тетово, Охрид, Кочани, Велес и Гевгелија).

Неделниот извештај на ИЈЗ покажува и дека од 10 до 16 јануари имало 55 смртни случаи од Ковид-19, во 15 градови, што е за 34,1 проценти повеќе од минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (22) и се луѓе над 60 години. На болничко лекување се 439 лица што е една четвртина повеќе во споредба со претходна недела.

Во земјава бројот на дијагностицирани со коронавирус од почетокот на епидемијата достигна 247.663. Активни случаи има 17.218 и од нив 9.167 се во главниот град.