Во Охрид продолжува традицијата, масовно одбележан празникот Богојавление-Водици
Охриѓани по една година пауза повторно масовно и на спектакуларен начин го одбележаа верскиот празник Богојавление- Водици. На чинот на положување на чесниот крст во водите на Охридското Езеро присуствуваа верници од Охрид и од други македонски градови, а во ладните езерски води запливаа стотина млади лица. Најсреќен беше Мартин Гоџоски од Варош.

Охриѓани на уникатен начин ја продолжија традицијата стара повеќе од 2 000 години при одбележувањето на големиот верски празник Богојавление – Водици. Божјите храмови уште од раните утрински часови беа исполнети со верници, а улиците мирисаа на темјан по поминувањето на литиите кои се движеа кон градското пристаниште предводени од свештените лица. По свечениот црковен церемонијал митрополитот Тимотеј во езерските води го положи чесниот крст по кој и покрај ладната езерска вода чија температура беше околу седмиот степен запливаа стотина млади лица. Највешт и најсреќен беше Мартин Гоџоски од Варош кого според верувањата оваа година ќе му биде успешна и исполнета со многу радости.
„По крстот веќе одам скоро 10 години, голема желба ми беше да го фатам барем еднаш во мојот живот, еве се случи, се чувствувам прекрасно, мислам дека ќе ми донесе многу среќа, благосостојба во фамилијата“, изјави Гоџоски.
На чинот на осветувањето на езерските води присуствуваа неколку илјади верници од Охрид како и граѓани од другите македонски градови но за разлика од минатото пред сè поради пандемијата нивниот број беше помал.
„Денешниот ден којшто дефинитивно сам по себе е еден од најголемите денови за Охрид како град и очигледно традицијата годинава повторно продолжува и покрај она што е генерален проблем како ковид кризата во Македонија, така и на светско ниво, меѓутоа смогнавме сили,го организиравме оваа година и се надевам дека од наредната година во уште понормални услови оваа манифестација ќе се одвива. Помина се во најнормален ред, на фаќачот на крстот му посакувам среќа, здравје, успех“, рече охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков.
Во рамки на одбележувањето на празникот точно напладне кај месноста Сараиште се одржа групно крштевање, а за доброто расположение на присутните на градскиот плоштад се погрижија членовите на групата „Љубојна“. Поради пандемијата утре нема да продолжат богојавленските празнувања кои традиционално се одржуваа по повод празникот Свети Јован Крстител кој во Охрид се чествува и како Ден на рибарите.
Сашо Нелоски
