Постигнавме успех, претстои уште работа- Петков за посетата на Скопје
Ние подадовме рака, Северна Македонија нема територијални претензии кон Бугарија. Постигнавме огромен успех, но претстои уште работа. Бугарскиот премиер Петков со оценка по средбата со Ковачевски. Претседателот Радев положи заклетва пред Народното собрание за неговиот втор мандат. Посочи дека позициите на Бугарија се цврсти по Советот за национална безбедност...

Многу конструктивна, вака премиерот на соседна Бугарија ја оцени посетата на земјава. Петков посочи дека е постигнат голем успех и дека претстојат многу активности во односите меѓу двете земји. Особено добар сигнал вели, е нотата која земјава ја испрати до Обединетите нации.
„Нотата всушност гарантира дека Република Северна Македонија нема територијални претензии спрема Република Бугарија. Иако е всушност нешто нормално што треба тие да го кажат, сепак за таа нота се говорело, се преговарало, а ние само со тоа што остваривме нова посета, со нашата конструктивност ја добивме. Затоа треба да се разбере дека тоа што го направивме преставува голем успех, но и дека ни претстои уште многу работа“, изјави Петков.
Петков не впуштајќи се во објаснување за периодот на фашизмот во цела Европа, влијанијата на нашиот регион како и сите други околности, рече дека ќе се разгледуваат и ќе се решаваат од историските групи. Македонско- бугарските односи најдоа место и во говорот на претседателот Радев при давањето на неговата свечена изјава во Бугарското собрание. Задоволен е што и покрај разликите кои ги има меѓу политичките чинители, консензус за ова прашање е постигнат.
„Јас сум меѓу политичарите кои се залагата Република Северна Македонија да стане членка на ЕУ час поскоро. Токму заради тоа, треба да им помогнеме на нашите браќа да ги надминат идиолошките остатоци од тоталитарното минато и да ги остварат критериумите за членство. Како одговорна членка на ЕУ, Бугарија треба во неа да интегрира партнери, а не проблеми“, рече Радев.
Меѓу другото, тој го повтори барањето на Софија, Бугарите да влезат во Уставот на земјава и да се стави крај, како што рече, на говорот на омраза кон нив.
Фиљана Кока
