Анализа

Нова динамика во односите меѓу Скопје и Софија

19.01.2022 15:00

Нова динамика во односите Софија- Скопје, вака дел од експертите ја оценуваат вчерашната средба меѓу Ковачевски и Петков. Симонида Кацарска посочува дека двете држави ќе треба да внесат повеќе ресурси и енергија во дијалогот. Според екс-амбасадорот Наумовски, се отвораат прашања што не се поврзани со евроинтегративниот процес на земјава...

Внесена нова динамика во преговорите – вака директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска ја оценува посетата на бугарскиот премиерот Петков на Скопје. Според неа, сè уште е рано да се прогнозира како ќе се одвива понатамошната соработка, но вели очигледно е дека се движиме кон етапно решение. Од поставеноста на Петков кон македонското прашање ќе зависи промената на политиката на Бугарија кон нас, бидејќи земјава веќе го направи првиот чекор.

„Првиот чекор кој од наша страна е направен е нотификацијата до ОН во однос на употребата на краткото име на државата, ова беше дел од пакетот кој го бараше Радев, 5+1. И очигледно е дека е знак на добра воља од наша стана и подавање рака. Колку истиот ќе донесе повратна информација останува да видиме“, вели Кацарска.

Поранешниот вицепремиер за европски прашања и амбасадор, Васко Наумовски препознава нова реторика во Македоснко-бугарскиот дијалог. Но, посочува дека тоа не значи дека проблемите ќе се решат преку ноќ. Според него, ова е добра основа за двете држави за да се дојде во ситуација Бугарија да го крене ветото и да овозможи почеток на преговорите со ЕУ.

„Сметам дека во добар дел од барањата на Бугарија кои ги има испорачано кон нас во суштина не постои некаков проблем, односно тие не се поврзани со процесот на евроинтграција. Тоа дека немаме територијани претензии, ние неколку пати го имаме потврдено. И Македонија и Бугарија треба да демонстрираат висок степен на одговорност, а и самата ЕУ треба да најде начин како да ги охрабри на ова поле, и сите отворени прашања да бидат затворени во догледно време, а тоа што не може да бидат затворени одкако преговорите ќе започнат“, изјави Наумовски за МТВ.

Значајно за нас е паралено со преговорите со Бугарија да не запрат реформските процеси кои значат и исполнување на критериумите за членство – предупредува амбасадорот Наумовски.

Марина Стојанова- Тонева