Даноци

Ветеринарите бараат помал данок

20.01.2022 10:02

По намалувањето на ДДВ-то за ветеринарните лекови, Ветеринарната комора го актуелизира барањето за намалување на данокот за нивните услуги од 18 на пет проценти. Како што велат, со тоа ќе им се намалат трошоците и ќе можат да ја надминат сегашната загрижувачка состојба во која се наоѓа оваа дејност...

Скоро една деценија ветеринарите за вршење на нивните услуги бараат намалување од 18 на пет проценти на данокот за додадена вредност.

Според анализите на Ветеринарната комора, намалувањето на данокот би имало незначително влијание врз вкупните приходи во овој дел за државниот буџет, но големи позитивни ефекти за здравствената заштита на животните и во сточарството.

Сметаат дека на овој начин ќе се намалат цените и преголемите обврските за дел од ветеринарните друштва, а ќе се стимулираат инвестициите во опрема, технологии и едукација.

Комората оценува дека состојбата во ветеринарно-здравствениот сектор кај нас е загрижувачка поради падот во сточарското производство.

Во моментов во нашата земја функционираат околу 160 ветеринарни друштва, во кои се вработени околу 400 доктори по ветеринарна медицина и друг помошен персонал кои според комората се рамномерно распоредени на територијата на целата држава за успешно реализирање на програмите за здравствена заштита на животните.

 

Методија Трајков