Блинкен во посета на Берлин

Нов обид за мирно решение на руско-украинската криза

20.01.2022 13:01

Американскиот државен секретар Блинкен во посета на Берлин, а утре во Женева на преговори со сојузниците и со рускиот колега Лавров. Според Вашингтон, Москва најверојатно не сака војна, но со сигурност ќе ги тестира западните сили и НАТО. Руски пратеници бараат претседателот Путин да ги признае проруските сепаратистички области во источна Украина како независни држави.

И покрај сè поголемите тензии, „дипломатијата пред оружјето“ е девизата по која и натаму се водат силите од западот и Русија околу кризата со Украина. По Киев, американскиот државен секретар Ентони Блинкен на средби во Берлин со европските сојузници. В петок во Женева ќе се соочи и со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Западните земји и Киев во сè поголема неизвесност околу плановите на Русија којашто масовно стационира војници на границата со Украина.

„Мислам дека Путин не сака вистинска војна. Тоа е под број еден. Број два, дали мислам дека ќе ги тестира Западот? Дека ќе ги тестира Соединетите држави и НАТО колку што може? Да, мислам дека ќе го стори тоа. А мислам и дека ќе плати сериозно висока цена за тоа“ изјави американскиот претседател Џо Бајден.

„Нашите партнери треба да покажат и дела, а не само зборови. Не е важно само да имаме информација за тоа што би можела да направи Русија. Треба да знаеме што ќе направи светот, без фрази од типот „тие нема да се извлечат“ изјави Володимир Зеленски Претседателот на Украина.
Русија ги негира тврдењата за планирање инвазија кај западниот сосед.

„Убедени сме дека целта на оваа кампања е да се прикријат нивните провокации, вклучувајќи ги и оние од воена природа, кои ќе резултираат со катастрофални последици за регионалната и глобалната безбедност“ изјави Марија Захарова, портпарол на руското МНР.
Во меѓувреме, руските парламентарци побараа претседателот Владимир Путин да ги признае проруските сепаратистички области во источна Украина како независни држави.

„Украина планира да изврши серија терористички напади врз индустриски објекти со опасно производство на хемикалии. Тие операции ќе бидат под маска на народната милиција и специјалните сили на руската федерација. Акциите на украинските саботери ќе бидат снимени и доставени до меѓународните организации“ изјави Едуард Басурин, претставник на вооружената воена формација на Народна Република Доњецк.
И покрај Договорот за дополнителни мерки за спроведување на прекинот на огнот од јули 2020 година, вооружените престрелки продолжија, а жртви се пријавени и на двете страни.

Маја С.Филдишев