Енергетска криза

ЕСМ од утре го презема управувањето со БЕГ и со Скопје Север

20.01.2022 14:47

ЕСМ од утре го презема управувањето со БЕГ и со Скопје Север. На денешната владина седница ќе биде разгледан и одобрен договорот за деловно-техничка соработка на ЕСМ и БЕГ, изјави министерот Бектеши. Од 21 часот топланите ќе испорачуваат топлинска енергија до 1 часот по полноќ, посочи министерот за економија…

Според утврдената агенда за преземање на управувањето со топлификацискиот систем на Град Скопје, државната ЕСМ ќе треба денес на Владата да и го достави на одобрување предлог-договорот за деловно техничка соработка со компанијата БЕГ. Ресорниот министер Крешник Бектеши информира дека согласно уредбата за кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија, дополнително ќе бидат утврдени и префрлени финансиски средства од буџетот кон ЕСМ за да може да се покриваат зголемените трошоци за набавка на природен гас.

Од Град Скопје уште еднаш упатија на Владата кога е во прашање покривањето на зголемените трошоци за испорака на топлинска енергија за домаќинствата. Велат дека имаат лимитирани буџети во кои нема простор за вакви намени.

До 21-ви јануари сите трошоци за испорака на топлинска енергија ќе ги покрие БЕГ, а од овој датум обврските ги презема ЕСМ, изјави Бектеши. Министерот за економија ги отфрли шпекулациите дека наводно греењето ќе биде скратено неколку часови, ќе се грее до 1 часот по полноќ, а температурата во становите ќе биде 20 плус 1 степен,како што предвидува правилникот.

Свето Николовски