Ковид-19

За две недели Омикрон целосно ќе доминира

20.01.2022 15:21

Ординациите полни, најголем дел од пациентите се млади. Поминуваат лесно, но ризикот е за домашните со коморбидитети. Лекари очекуваат за две недели Омикрон целосно да доминира.

Оние што се социјално активни, сега бараат лекарска помош. Најголем дел од пациентите се млади, вели доктор Анкица Станоевска. Тие за среќа поминуваат лесно, нивните домашни, повозрасни и со коморбидитети можат да дојдат во живото загрозувачка состојба.

Микробиологот Пановски објаснува – во Словенија имаат 12.000 позитивни од направени 40.000 тестирања, па, и кај нас да се направат толку тестирања бројката на заразени ќе биде слична, бидејќи ние од околу 6.000 тестирања имаме над 2.000 позитивни на ковид. Сепак, докторот укажува дека треба да се гледа бројот на хоспитализации и на смртни случаи. Пановски предупредува дека на удар е примарното здравство, а потоа болниците.

Пановски очекува за две недели со над 95 проценти да доминира Омикрон сојот и според него, добро е што се одложи стартот на второто полугодие. Ако не се појави друга мутација по Омикрон, можно е напролет пандемијата да стивне, уверува Пановски.

Наташа Ј. Менковски