Политика

Македонско- бугарска владина седница во вторник

20.01.2022 15:57

Железницата, авионската линија, културните активности- дел од темите на заедничката Македонско- бугарска владина седница во вторник. Имаме можност да направиме нешто што не е сторено 30 години- порачува бугарскиот премиер Петков…

На заедничката владина седница имаме можност да направиме нешто што не е сторено 30 години-порачува бугарскиот премиер Петков. Во фокусот на заедничката седница Петков ги нагласува железничкото поврзување меѓу Скопје и Софија, побрзиот патен сообраќај меѓу двата града, авионското поврзување и заедничкиот културен календар. Да не губиме ниту минута е пораката на бугарскиот премиер на седницата на министерскиот совет.

„Сето ова ќе биде иницирано како разговор на таа заедничка владина седница на која сите вие ќе се сретнете со вашите колеги од Северна Македонија. Ќе направиме еден реален план со реални постигнувања за следните шест месеци. Очекувам и еднаш седмично да се среќаваат работните групи“, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков.

Бугарскиот претседател Румен Радев оценува дека посетата на Петков на Северна Македонија носи позитивни сигнали, но според него, не треба да се заборават главните прашања за отклучување на вратата за пристапните преговори за членство во Европската унија. Радев ги смета за неосновани барањата за реципроцитет во делот на впишувањето на македонските бугари во нашиот Устав и признавањето македонско малцинство во Бугарија.

Македонскиот министер за надворешни Бујар Османи најавува-наскоро ќе биде познат предлогот за новиот македонски амбасадор во Бугарија. Безмалку две години земјава нема назначено прв дипломат во Софија.

Миле Ристески